Употребата на минералните ѓубрива зависи од рН на земјата

Често се случува во практиката, земјоделските производители да не се задоволни од аплицираните количества и видови минерални ѓубрива, затоа што не ги добиваат очекуваните економски ефекти. Земјоделците најчесто се сомневаат во квалитетот на ѓубривата, но има уште некои значајни причини за слабите економски ефекти од апликацијата на минерални ѓубрива, дури има и случаи на откажување од примена на ѓубрива.
Една од основните причини за неефикасноста на минералните ѓубрива е рН-реакцијата во почвениот раствор. При неповолна рН на земјата, аплицираните ѓубрива се трансформираат во неповолен правец на хемиски процеси непристапни за растенијата. рН-реакцијата на почвата се одредува лабораториски со специјален апарат – рН-метар.
За да биде појасно за фармерите, рН значи дали земјата е екстремно кисела, неутрална, базична или екстремно базична. Во агрохемиската и педолошката литература се дефинирани 6-8 различни состојби на земјата и се проучени разните фактори кои влијаат на рН.

Фактори кои влијаат на рН на земјата се:

  • почвениот тип и неговиот геолошки супстрат
  • неадекватната апликација на минерални ѓубрива
  • неадекватна вода за наводнување особено ако е помешана со индустриска односно технолошка вода
  • чадот од индустријата, посебно термолелектраните
  • киселите врнежи и др.
  • Во досегашната четиридецениска практика од лабораториските анализи на почвата, посебно во последниве 4-5 години, имаме констатирано разни состојби со рН на различни локалитети во Македонија.
    За среќа, преовладува неутрална, умерено кисела и слабо базна, но за жал, не е мал бројот на подрачјата и парцелите каде што рН на почвата е екстремно кисела, многу силно кисела, силно базна и многу силно базна почва. На такви почви со рН не може да се очекува да се исплати примена на минерални и органски ѓубрива.
    Дури ќе има и уште поголеми штети ако на такви почви примениме неадекватни ѓубрива од аспект на рН на применетите ѓубрива. И ѓубривата, исто така, поседуваат рН реакција.
    Неадекватно ќе биде ако примениме кисели ѓубрива на екстремно кисели почви, многу силно кисели почви и кисели почви или базични ѓубрива на базични и многу силно базични почви.
    Од посебно значење се и земјоделските култури кои успешно се развиваат на соодветна почва, така на пример, за компирот најповолна рН е 4,8-6,5, за јагодите рН 5-6, тутунот 5,5-7,5, луцерката 6,5-8, за јаболкото 5,7-8,2.