Со природни непријатели против белокрилката

Белокрилките се мошне опасни штетници на градинарските култури одгледувани во заштитени простори во Македонија. Причинуваат директни штети со смукање на сокови од листовите на растенијата, индиректни штети со лачењето на медна роса со која ги загадуваат плодовите и листовите на нападнатите растенија и со пренесување на вирусни заболувања кои можат да причинат големи штети на одгледуваните растенија. Големиот бројна генерации (можат да имаат и до 12 генерации во текот на годината), скриениот начин на живот, способноста за брзо стекнување на резистентност кон хемиските средства од една страна и барањето на потрошувачите за свежи производи незагадени со пестициди ги натера производителите во развиените земји да почнат да ги користат природните непријатели на белокрилките за контрола на нивната популација во оранжериите и пластениците.
Природните непријатели на белокрилките можат да бидат нивни паразити, предатори или болести. Најчесто употребувани паразити се паразитските осички Encarsia formosa, Erotmocerus eremicus и Е. mundus. Возрасните осички убиваат дел од ларвите од белокрилките за сопствена исхрана, а во поголем дел од нив полагаат јајца од кои се развиваат нови паразитски осички кои во текот на својот развиток ја убиваат ларвата од белокрилка во која се развиваат. На овој начин една паразитска осичка, директно или индиректно, убива од 100 до 150 ларви од белокрилка.
Предаторите најчесто се поголеми од пленот кој го користат за исхрана поради што им се потребни поголем бројна единки за исхрана. Во оранжериите и пластениците за борба против белокрилките се користат повеќе предатори. Предаторската стеница Macrolophus caliginosus во текот на само еден ден може да изеде 30 до 40 јајца, 15 до 20 ларви или 3 до 5 возрасни белокрилки. Тврдокрилецот од фамилијата на бумбари (Coccinellidae) најчесто се користи кога на одредени места во оранжеријата белокрилките достигнале бројност која паразитските осички не можат да ја исконтролираат (500 и повеќе белокрилки на т2). Овој предатор може да изеде 150 до 700 јајца дневно или повеќе од 10 000 јајца или 700 ларви во текот на животниот век. Мошне добри резултати дава и предаторското пајаче Amplyseius Swirskii кое дневно може да изеде до 19 јајца или 15 ларвички белокрилка од прв стадиум.
Непријатели за контрола на популацијата на белокрилките во оранжериите и пластениците: заштита на вработените и потрошувачите од негативните дејства на пестицидите, избегнување на појави на фитотоксичност на растенијата и зголемување на приносите на градинарските култури, лесна интродукција без примена на скапа механизација, по внесувањето природните непријатели сами ги бараат и убиваат штетните инсекти, природните непријатели се живи суштества кои се размножуваат поради што со неколку внесувања се контролира популацијата на штетните инсекти во текот на целата вегетација.