Физиолошки проблеми на плод од краставица

Со зголемувањето на воздушните температури, се зголемува и транспирациониот коефициент, а со тоа и потрошувачката на вода кај растенијата. Краставицата е растение со голема побарувачка и потрошувачка на вода. Следствено на абиотските фактори (зголемена воздушна температура и намалена релативна влажност на воздухот), се јавуваат низа физиолошки промени кај плодот од краставица, од коишто, овде ќе ставиме акцент на шупливост на плодот од краставица. На напречен пресек на плод од краставица се гледа шуплина. Со тоа, плодот ја губи и биолошката и економската значајност.

Физиолошки причини кои доведуваат до овој проблем

Неможе да се дефинира еден фактор, одговорен за појавувањето на шупливоста на плодот краставица. За јавување на овој проблем одговорен е комплекс од фактори. При зголемување на воздушната температура, се зголемува и потрошувачката на вода, но, доколку температурата достигне над 35 Целзиусови степени, со затворањето на стомините отвори, престанува дишењето, а со тоа и движењето на водата и хранливите елементи низ растението. Калциумот и борот, како два важни елементи во исхраната на краставицата, се транспорираат до крајните органи (поголем процент од калциумот до меристемските ткива-врвот, а помал во плодот; поголем дел од борот се јавува во улога на транспортер на асимилатите до плодот) со помош на водата. При престанување на транспирацијата, престанува и движењето на овие два елементи.

  • Како еден фактор за појавувањето на шупливоста на плодот, е недостатокот на калциум и бор. Доколку производителот забележи поголем процент на такви плодови, препорачливо е да се изврши агрохемиска анализа, како навремено би ги отстранил овие проблеми.
  • Доколку агрохемиската анализа покажува недоволен процент на калциум во почвата, врз база на резултатите, се одредува и количината, но притоа е важно да се внимава на времето на апликација на калциумот (како калциум нитрат), а најдобро време е во утринските часови, поради постепеното зголемување на температурите и транцпирацијата (побрза апсорбција и транслокација на калциумот);
  • Доколку се работи за недостаток на бор, пожелно е неговата апликација да се изврши фолијарно, во доцните попладневни часови, кадешто воздушните температури би биле под 25 степени Целзиусови.
  • Битно е да се напомене, дека можеби во почвата овие два елементи се доволно застапени, но поради интензивниот раст (врвна меристема и плод), не се апсорбираат во доволни количини, поради неможноста растението да апсорбира доволна количина на вода и хранливи материи- недостатокот на вода го предизвикува и овој проблем. Со правилна примена на агротехничките операции, како и избалансираната исхрана на растенијата, проблемот доста се намалува, а со тоа и квалитетот на производот се зголемува.
  •  
    Исто така, како битна агротехничка мерка која треба да се примени е засенчувањето на заштитениот простор во коишто се одгледува краставицата и оросувањето. Со засенчувањето на објектот се намалува директното изложување на сончева светлина а со тоа и намалување на температурата во заштитениот простор. Оросувањето како агротехничка мерка, битна во производството на краставица, допринесува до зголемување на релативната влажност на воздух и подобрата апсорбција на хранливите елементи од почвениот раствор. Доколку го имате овој проблем, обратете се до агрономскиот тим на ХОРТИЦЕНТАР.