Нематоди – почвени паразити

Нематодите се најбројните повеќеклеточни животни на земјата. Само еден грст земја може да содржи илјадници, милиони или дури и милијарди микроскопски „црвчиња” (во светот постојат близу 20.000 опишани видови, а се претпоставува дека вистинската бројка е околу еден милион). Нематодите се паразитски видови (паразитираат на инсекти, растенија или животни), а постојат и т.н. „слободни” кои не се врзани за еден домаќин, во кои спаѓаат и оние кои се хранат на бактерии, габи или, пак, на други видови нематоди. Поради огромниот број видови и големите штети што може да ги предизвикаат, мораме да ја прифатиме реалната потреба за нивно редовно и квалитетно сузбивање.
Нематодите се структурно прости организми (адултите имаат приближно по 1.000 соматски клетки и неколку стотини клетки во функција на репродуктивни активности). Морфолошкиот изглед на нематодите најлесно можеме да го опишеме како „цевка во цевка”, поради каналот кој се протега по целата должина на телото (од усниот отвор сè до аналниот отвор, лоциран кај опашниот дел). Иако се многу прости организми, сепак имаат дигестивен, нервен, екскреторен и репродуктивен систем, но немаат циркулаторен и респираторен систем. Рангот на нивната големина е многу мал (особено кај растителните паразитски видови) и се движи од микроскопски 0,3 мм, па сè до 10 мм (многу се ретки видовите кои надминуваат 10 мм во должина). Поголеми во димензии се животинските паразитски видови и како многу редок куриозитет може само да го споменеме примерот за гигантски примерок од паразитска нематода Плацентонема гигантисма на китови долга 8 метри, која е откриена во плацентата на домаќинот.
Големиот број видови нематоди значи дека меѓу нив постојат и голем број разлики, но сепак постојат и неколку основни карактеристики кои важат за сите. Машките единки се обично помали од женките, сите видови нематоди се размножуваат со положување на јајца (размножувањето е сексуално), а накрсното оплодување меѓу видовите, хермафродитизам и партеногенеза се нормални појави. Во текот на животниот циклус (зависно од влажноста и температурата на почвата) нематодите се „движат” вертикално во почвата. Кога се присутни неповолни услови за нив, тие се спуштаат подлабоко во почвата, а при поволни услови одат кон површината кога ги прават штетите на растенијата.
За земјоделците, секако, се најзначајни нематодите кои паразитираат на растенијата, со што причинуваат и штети на квалитетот и квантитетот на приносот. Буквално не постои растителен вид кој не е цел на напад од нематоди, без оглед на тоа дали е културно растение или плевел (компири, домати, пченка, луцерка, соја, овошни видови, винова лоза, култивирани тревни површини, украсни растенија, шумски растенија итн.). Растенијата кои се нападнати од нематоди заостануваат во својот развој во однос на останатите. Кореновиот систем на овие растенија претрпува деструктивни промени, односно жиличките и кореновите влакненца се задебелуваат, понекогаш и до големина на мали „компири”, со што се нарушува нивната нормална функција (адсорпција), а како последица на тоа растението заостанува во развојот сè до негово потполно сушење. Една парцела ретко е целосно зафатена од напад на нематоди, туку секогаш станува збор за делови со кружна форма („острови”) кои постепено се шират и само во доцната вегетациска фаза на културата може да дојде до спојување на овие жаришта во поголеми делови.
Поради сето ова, сам по себе произлегува заклучокот дека за современото земјоделско производство сузбивањето на нематодите претставува неопходна мерка. Повеќегодишните култури имаат одреден хендикеп во поглед на сузбивањето на нематодите, бидејќи е потешко внесувањето на нематоцидите во почвата. Постојат повеќе производи (хемиски и органски), кои можат да се користат за сузбивање на нематодите. Производите влијаат нематостатично и нематоцидно, што значи дека ги парализира нематодите, а тие не можат да продрат во зоната на коренот, не можат да се хранат и размножуваат и конечно умираат.
Најдобар начин да се заштитиме од јак напад на нематода е да преминеме на хидропонично одгледување на растенијата.
За повеќе информации обратете се до стручно-советодавниот тим на ХОРТИЦЕНТАР.