Компировата златица – опасен штетник во градинарството

Презимува како имаго (возрасен инсект) во почвата каде претходната година се одгледува компир и модар патлиџан, култури кои и му се најдобри домаќини на компировата златица (Leptinotarsa decemlineata). Во текот на годината напаѓа и други култури како што се пиперката и доматот. Кон крајот на април компировата златица излегува од земјата и започнува да се исхранува. Женката на опачината на листот ги положува јајцата во колонии од 25 до 80 на број, а во текот на 25-35 дена една женка може да положи од 400 до 600 јајца. Ларвите се хранат со листовите и за кратко време можат потполно да ги изедат кај горонаведените култури. Стадиумот на кукла се одвива во почвата, а во текот на летото се формира и втората генерација. Поради развлечена појава на одраснати инсекти на златицата, генерациите се испреплеткуваат, а на тој начин се отежнува и нејзиното сузбивање. Доколку е возможно главна превентивна мерка е просторна изолација, поточно застапување на култури кои не и се добри домаќини, а културите како што се доматот, компирот или модриот патлиџан да бидат засадени на нови површини каде претходната година не биле засадени. Инсектот брзо развива резистенција (отпорност) на употребуваните препарати. Треба да се внимава и на прагот на штетноста. За првата генерација ако е поголем од 20 единки на 5 растенија, а за втората генерација 15 единки на 5 растенија. Штом се надмине економскиот праг на штетноста се применува хемиска заштита. Сузбивањето на компировата златица треба да се извршува со инсектициди кои во главно треба да се менуваат, да не се повторуваат исти за двете генерации. Во секој случај, практично гледано треба да се употребуваат инсектициди со различен механизам.
Постојат повеќе хемиски активни материи со различни комерцијални имиња кои можат да се користат за успешно сузбивање на овој опасен штетник.
За повеќе информации обратете се до стручно-советодавниот тим на ХОРТИЦЕНТАР.
Leptinotarsa decemlineata