Интензивна прихрана со калиум во услови на ниски воздушни и почвени температури

Во услови на абиотски стресови кај градинарските растенија одгледувани во овој период од годината (посебно оранжериското производство-корнишон, домати…), правилниот режим на прихрана и добро познавање на температурните потреби на одредената градинарска култура има значајна улога во одржувањето на вегетативниот и генеративниот пораст на растението.
Од макробиогените елементи(азот, фосфор, калиум), при услови на абиотски стрес предизвикан од ниски воздушни и почвени температури, калиумот, за разлика од азотот и фосфорот дејствува најпозитивно врз растението и предизвикува “амортизација” на абиотскиот стрес.
Имено, калиумот како макробиоген елемент не учествува во изградбата на ниедна молекула, па така, неговата улога во растението најмногу се сведува врз регулирањето на отварањето на стомините отвори и активација на неколку вида на ензими.
Интензивната прихрана со калиумови ѓубрива(во зависност од растот и развојот на растението, одредени симптоми на недостаток на некој елемент) во овој период, ја зголемува фотосинтезата, растот, приносот и подобро поднесување на абиотскиот стрес предизвикан од ниски температури.

Во услови на ниски температури, се менува флуидноста на клеточната мембрана.Интензивното додавање на калиум во хранливиот раствор го зголемува процентот на фосфолипидите во клетката(фосфолипидите придонесуваат за зголемување на флуидноста на клеточната мембрана), пермеабилноста на клеточната мембрана и ги подобрува биофизичките и биохемиските својства на клетката.

Апликацијата на калиумови ѓубрива во услови на ниски воздушни и почвени температури, дури и повеќе од “дозволеното” за одредена култура, во секој случај придонесува за зголемување на природната отпорност на растението кон одредени патогени, како и припрема на растението за подобро поднесување на абиотскиот стрес предизвикан од ниски температури, притоа продолжувајќи ја вегетацијата и искористувњето на максималниот генетски потенцијал на растението.