Оплодување на доматите со хормони (томатин)

Иако последниве години се поактуелно станува оплодувањето на доматот со помош на бумбари, сепак, помалите земјоделски производители сеуште оплодуваат со помош на хормони(препаратот е познат под името томатин).Фазата на оплодување кај доматот е многу осетлива фаза и многу зависи од надворешните услови, пред се температурата и релативната влажност на воздухот. Квалитетот на плодот од домат многу зависи од успешното опрашување и оплодување.
Томатинот во себе содржи два растителни хормона и тоа:

  • Гиберелинска киселина;
  • Ауксин.
  •  
    Предности и недостатоци на оплодувањето со помош на хормони:
    За разлика од природното оплодување со помош на бумбари, кај оплодувањето со хормони не треба да се внимава на пестицидите (пред се инсектицидите) со кои се третираат растенијата. Сепак, оплодувањето со помош на хормони има повеќе недостатоци од предности. Како најбитен параметар на кој треба да се внимава е времето на апликација на хормоните за оплодување. Друга особина е тоа што доколку се погреши дозирањето и се аплицира при несоодветни надворешни услови настануваат деформации на плодот.
    Имено, често земјоделските производители не прават разлика во времето на апликација. Најголемиот дел од нив го аплицираат хормонот за оплодување во попладневните часови.

    Во кое време од денот е најдобро да се оплодуваат доматите со помош на хормони?
    За оплодувањето на доматот, покрај температурата, друг битен фактор е релативната влажност на воздухот. Кога имаме оптимална релативна влажност на воздухот во заштитениот простор(околу 60%), опрашувањето и оплодувањето се најдобри. Во наши услови тоа е во утринските часови. После исчезнувањето на росата од растенијата, може да започне апликацијата на хормоните за оплодување, поради тоа што тогаш поленовите зрна и толчникот се најактивни.
    Деформации на плодот при нестручна употреба на хормоните за оплодување
    Во услови на оплодување со хормони, а притоа во заштитениот простор да има ниски температури, настанува деформација на плодот. Деформацијата на плодот се манифестира со странично напукнување и при интензивната делба на клетката тоа се проширува и по определено време започнува да се гледа семето. Тој плод нема комерцијална вредност.
    Свиткување на врвната меристема при поголема доза на хормон за оплодување
    Доколку се употреби поголема доза на хормон, по определено време настанува свиткување на на врвната меристема и симптомите се слични како со тие на вирусно заболување. Свиткувањето на врвната меристема настанува поради тоа што хормонот кој е аплициран се движи низ спроводните садови, а притоа не испарува и најмногу се концентрира на делот од растението кој интензивно расте, а во овој случај тоа е врвната меристема и плодот.