Ефекти на фолијарната исхрана

Хранливите елементи, аплицирани на овој начин брзо делуваат, брзо стигнуваат до хлоропластите кадешто се одвива процесот на фотосинтеза, а и степенот на искористеноста на хранливите елементи е висок.
Со помош на фолијарната исхрана се избегнува антагонизмот помеѓу елементите во почвата, фиксацијата на некои од елементите, како и меѓусебното врзување на минералните елементи во недостапни соединенија за растенијата.
Способноста на растението да апсорбира вода и хранливи материи преку листот, денес во современото земјоделско производство се користи како редовна агротехничка мерка за исхрана на растенијата.
Фолијарната исхрана не треба да биде основна исхрана на растенијата, туку на овој начин на исхрана треба да се гледа како дополнителна исхрана, односно мерка која овозможува брзо и ефикасно делување, заради корекција на акутен недостаток на одредени хранливи елементи.
Во праксата честопати заради намалување на трошоците, филијарните ѓубрива се комбинираат со средствата за заштита на растенијата (освен со фунгицид кој во својот состав содржи бакар или алуминиум), притоа овозможувајќи подобра апсорбција на заштитните средства од страна на растенијата, како и нагласено подобро дејство на истите.
Предноста на фолијарната исхрана е тоа што таа може да се изведе повеќе пати во текот на вегетацијата, така што може да се делува на општата кондиција на растението, зголемување на приносот, подобрување на квалитетот на плодовите како и зголемување на отпорноста кон болести и штетници.
Со помош на фолијарната исхрана се надокнадуваат тешко преносливите елементи во растението (калциум и бор), кои се особено важни за зајакнување на клеточниот ѕид и оплодувањето, а често растението покажува нивен недостаток во летни услови.
Фолијарната прихрана заедно со прихраната преку коренот, дава позитивни резултати во процесот на раст и развој на растението, а со правилна исхрана на растенијата, значително се редуцираат трошоците за употреба на пестициди.