Недостиг на железо кај растенијата

Железото е еден од најраспространетите елементи во земјината кора. Спаѓа во групата на микроелементи, односно елементи кои се потребни во помали количества. Интересно е дека иако во почвата има значајни количества на железо, а растенијата имаат потреба од мали количества од овој елемент, сепак недостигот на железо е еден од најчестите проблеми во исхраната на растенијата. Недостигот на железо најчесто не се јавува поради недостиг на овој елемент во почвата, туку поради неговата недостапност за растенијата. Железото најчесто се наоѓа во кристалната структура на минералите и како такво е недостапно за растенијата. Исто така, растворливоста на оксидите на тривалентното железо е многу ниска, па поради тоа иако во почвата има железо, тоа е недостапно за растенијата. Проблемот на достапноста на железото уште повеќе се потенцира кај карбонатни и алкални почви (pH над 7,5) кај кои количеството на растворливо железо е минимално.

Од сето ова се заклучува дека недостигот на железо е резултат на неговата недостапност за растенијата и треба да се очекува кај почви кои имаат алкална реакција и се богати со карбонати, кои се многу чести кај нас. Недостигот на железо се јавува скоро кај сите култури, а како најосетливи се: овошките, виновата лоза, легуминозите, сојата, пченката, сиракот и доматите.

Железото има значајна улога кај растенијата, а пред сè во формирањето на хлорофилот. Поради тоа, кај растенијата со недостиг на железо има помалку хлорофил. Симптомите на недостиг на железо се хлороза (пожолтување на листовите), која по правило се јавува на помладите листови (новиот пораст). Со оваа хлороза може да биде зафатено целото растение или, пак, да се јави само на одредени гранки. Притоа нервите на листовите ја задржуваат зелената боја. Во случај на поголем недостиг на железо, листовите се скоро бели и брзо угинуваат. Недостигот на железо негативно влијае и врз развојот на коренот и во крајна линија врз приносите, кои се намалуваат. Поради тоа, потребно е да се реагира навремено со фолијарна апликација на железо или со додавање на железо преку фертиригација. Поради фактот дека недостигот на железо е резултат на неговата недостапност, треба да се користат лесно достапни форми, пред сè, железо во хелатна форма. Се препорачува ѓубрето да се аплицира со водата за наводнување и тоа преку системот за микронаводнување, бидејќи хелатот во почвата, преку водата која му е потребна на растението за негов раст и развиток, се движи и се лоцира во кореновиот систем, од каде што се ослободува хранлива материја во достапна форма, која многу лесно и ефикасно се усвојува од растението. Ефикасноста му се намалува на силно кисели и силно базни почви, поради што кај ваквите типови почва се препорачува фолијарна апликација.