Калциум – значаен елемент во исхраната на растенијата

Калциумот спаѓа во групата на секундарни микроелементи, заедно со магнезиумот и сулфурот. Ова значи дека растенијата имаат потреба од поголеми количества на калциум. Кај нас најчесто калциумот е доволно застапен во почвите. Помали количества калциум се јавуваат кај почви кои имаат кисела реакција и кај песокливи почви. Сепак, појавата на недостиг на калциум не се врзува исклучително со помали количества калциум во почвата, туку и со неговата нерастворливост, односно недостапност за растенијата. Појавата на нерастворливи форми на калциум е честа кај почвите богати со фосфор, кој со калциумот создава нерастворливи соединенија. Инаку, достапноста на калциумот се поврзува и со обилно ѓубрење со калиумови и магнезиумови ѓубриња. Доколку сето ова се поврзе и со слабата подвижност на калциумот во растението, особено во услови на недостиг на вода или во услови кога се јавува силно зголемување на транспирацијата, јасно е дека недостигот на калциум може да се јави и во услови на почви кои се добро обезбедени со овој елемент. Калциумот кој се усвојува преку коренот се транспортира преку ксилемот во листовите и во почетните фази на развојот на плодовите. Транспортот на калциумот во плодовите се одвива преку флоемот, во кој калциумот е слабо подвижен. Поради тоа, симптомите на недостиг на калциум се јавуваат на плодовите што влијае на нивниот изглед и квалитет и предизвикува значајни економски штети. Затоа во литературата калциумот често се поврзува со квалитетот на плодовите.
Недостигот на калциум предизвикува различни симптоми кај различните култури. Кај нас најчеста е појавата на недостиг на калциум кај доматите и пиперката каде што предизвикува гниење на врвот на плодовите, кај јаболката каде што предизвикува појава на горчливи дамки на плодовите, кај зелковите култури каде што предизвикува појава на глава која не се затвора и е некомпактна, кај зелената салата, каде што резултира со гниење на врвовите на листовите и др. Се смета дека недостигот на калциум кај јаболката е поврзан со соодносот со азотот, калиумот и магнезиумот. Во периодот на берба соодносот на азот со калиум треба да биде 10:1, а односот на калиумот со калциумот да биде помал од 2,25:1. Добар показател е и соодносот на збирот на калиум и магнезиум спрема калциумот, кој доколку е поголем од 40 укажува на недостиг на калциум во плодовите на јаболката. Добрата обезбеденост со калциум кај плодовите на јаболка (но и другите овошни видови) е значаен предуслов за успешно чување во складиштата.
Поради оштетувањето на плодовите кое се предизвикува од недостигот на калциумот, потребно е да се преземат превентивни мерки за елиминирање на оваа појава и да се препознаат раните симптоми на недостиг.
Во принцип, недостигот на калциум се јавува на деловите од растението кои интензивно растат и до кои не може да се пренесат потребните количества на калциум. Поради тоа, раните симптоми на недостиг на калциум се јавуваат на младите делови на растението, како хлороза или појава на меко некротично ткиво.

Во случај на недостиг на калциум, неопходно е да се изврши третирање со калциумово ѓубре преку системот капка по капка или со фолијарно третирање со што калциумот директно навлегува во листовите. Притоа треба да се внимава да се опфатат младите (врвните) делови на растението каде што недостигот на калциум е најсилно изразен. Како најдобар избор на калциумово ѓубре се препорачува калциум нитратот. За негова правилна примена, доза и концентрација кај различни земјоделски култури, обратете се до стручно-советодавниот тим на ХОРТИЦЕНТАР.